Дел од обвинетите за насилствата во Собранието на 27 април минатата година решија да повлечат дел од доказите предложени за нивна одбрана во судскиот процес што се води пред Кривичниот суд. Причината за тоа во судницата не ја образложија, а не потврдуваат ниту дали тоа е поврзано со најавите за помирување односно за амнестија.
Пред да го одложи денешното рочиште за „27 април“ судијката Добрила Кацарска констатира дека одбраната повлекла дел од доказите и го утврди текот на работењето на следните рочишта.
Премиерот Заев во саботата, во контекст на настаните во Собранието од 27 април минатата година и предлозите на власта за помирување, а на опозицијата за целосна амнестија, истакна дека може да има помирување само за оние кои не учествувале во насилствата.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за помагање. Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни.