Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, изјави дека за Велика Британија „нема подобар“ договор за Брегзит од оној што беше постигнат минатата недела. Тој ова го кажа пред состанокот на европските министри за надворешни работи во Брисел, додека Велика Британија се наоѓа во политичка криза зашто премиерката Тереза Меј е принудена да го брани договорот од бројни критики.
„Денеска мора јасно да кажеме дека договорот што е на маса е најдобриот можен. Не постои подобро решение за овој луд Брегзит“, рече Аселборн.
Според него, за тешкото прашање за ирската граница „нема подобро решение“.