На младите е иднината, а сегашноста?

Блажен Малески, истражувач во НВО Реактор истражување во акција

Критичарите би рекле дека младите не се доволно гласни, но лесно е да се обвинуваат младите, кога просторот за дискусија и можностите за дијалог се минимални, пишува Блажен Малески, истражувач во НВО Реактор, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Многу пати повторената лага станува вистина. Гледајќи на Западниот Балкан, веројатно оваа фраза е особено точна. Дијалектички гледано, нормално, иднината е на оние што се помлади. Тие се оние кои треба да живеат во годините што следат. Но, мојата дилема е повеќе суштинска во смисла на тоа дали иднината е навистина на младите. Дилемата произлегува од тоа дека ако навистина треба иднината да ја чувствуваат како своја, тогаш во денешницата треба да учествуваат во креирање на таа иднина.

Неодамна бев гостин говорник на јавна дискусија во Гостивар, организирана од страна на Democracy Lab Гостивар. Гостите на дискусијата беа околу 60 млади од гостиварскиот регион. Темата на дискусија беа предизвиците и можностите за младите во Македонија. Во рамки на дискусијата се отвори една важна „пандорина кутија“. Колку навистина младите учествуваат во општествените процеси? Најголемиот дел, некаде околу 2/3 од присутните, до денот на дебатата немале можност да дебатираат со пратеник или пратеничка. Дополнително, истражувањата покажуваат дека младите помалку имаат шанси дискутираат со градоначалници или советници во општината. Оние што имале можност да се сретнат со пратеник или пратеничка, немале баш можност да дискутираат бидејќи се сретнале во рамки на политичка кампања со пратениците. Каква ли иднина очекуваме да имаат младите во државата, или иднината да ја чувствуваат како своја, кога не можат или немаат пристап до есенцијалниот дел за креирање политики наречен дијалог. Дијалог пред сè со оние кои ги носат одлуките директно за младите луѓе.

Нормално, критичарите би рекле дека младите не се доволно гласни, не притискаат доволно или не покажуваат желба да бидат дел од процесите. Лесно е да се обвинуваат младите, кога просторот за дискусија и можностите за дијалог се минимални. Во услови како нашите, најлесно кривицата да ја бараме кај оние што немаат можност да учествуваат, да дебатираат и да ги адресираат своите грижи и стравови.

Како што напишал бразилскиот филозоф Пауло Фреире „Секоја ситуација во којашто индивидуа спречува друга во вклучување на процеси е ситуација на насилство. Методите употребени за спречување не се важни, суштината е дека да ги отуѓи човечките суштества од правото да учествуваат во донесувањето на одлуки за нивната иднина е претворање на луѓето во објекти“. Мораме да разбереме дека младите во 21-виот век различно учествуваат во општествените процеси, различно ги процесираат информациите и различните подгрупи во рамки на групата млади кои имаат свои специфични потреби и идеи.

Институциите мора да почнат да ги гледаат младите како важни фактори во рамките на креирање на политики, а не како објекти или декор. Политики за денешницата, што ја определуваат и иднината на младите. Потребно е да излеземе од општествената норма дека младите не учествуваат и да им го обезбедиме просторот да учествуваат во процесите коишто се за нив. Ако сакаме младите да си ја чувствуваат како своја иднината во оваа држава, тогаш не треба само да им обезбедиме да дебатираат со оние кои ги носат одлуките. Не, општеството и политичкиот систем треба да им обезбеди простор и глас во сите тие процеси. Ако не го сториме тоа, тогаш не само што младите нема да ја чувствуваат иднината како своја, туку наметната од денешната генерација луѓе кои одлучуваат во нивно име.

Почетоците се направени, во процес е креирање закон за младинско учество каде што им се гарантира местото на младите во носење на одлуки. Креирањето на посебна комисија во Собранието за млади и клубот за млади политики и прашања се важни чекори напред кои треба на долг рок да им овозможат на младите да бидат дел од креирањето на иднината. Сепак, потребно е и политичките партии да ја зголемат улогата на политичките подмладоци, да кандидираат млади кадри и да им ја дадат довербата на младите да ја креираат иднината. Сè друго ја остава фразата „иднината е на младите“ на чиста дијалектика, без суштина и без можност за реална реализација.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.