Движењето „Бојкотирам“ во неделата вечер успеа да собере околу „1.000 луѓе“, барем според новинарските информации, пред Собранието на Македонија со барања да се стопираат уставните измени, оставка на актуелната Влада и предвремени избори. А коментарите на нашата ФБ страница, вообичаено, различни.
Николче Василевски смета дека „вака се брани Македонија, мирно и достоинствено“, но Орце Цветковски со спротивно мислење: „Па кога има повеќе полицајци од демонстранти нормално ќе е достоинствено, а имаше бесплатен превоз од цела МК“. На Владимир Божиновски му мирисало на слобода, а на Игор Христов „на снег и на зима, а Слободата“, вели, „ја освоивме во декември 2016 и никогаш повеќе нема да ви ја дадеме!“ Бобан Тасев, изгледа ја симпатизира Русија на претседателот Путин, па препорачува: „Мора под итно да го вратиме Груевски на чело на ВМРО и заедно со нашиот православен брат Путин да ја спасиме Македонија од домашните предавници и платеници“. А Ерол Бихорац го коментира присуството на протестот на независната пратеничка Грчева и на Филип Петровски: „Што да се каже, Солза Грчева и Филипче. Гревчиња, божееее...“
За прилогот „Груевски од лидер и премиер до бегалец и азилант“ - повторно поделени мислења во постовите и коментарите на ФБ страницата на РСЕ. Ванчо Коде директно му се обраќа на Груевски, па напишал: „Само што излезе Д од доказ и му ја ДУЧКОСА. Нели ќе лежеше за Македонија... Ама лежиш надвор од Македонија, се надевам кратко ќе ти бидиТ“. Хриска Димовска со контра: „Кога судот суди партиски и политички, нормално, невин е и ќе бега“. Блаже Василоски со контра на контрата: „Уште има малоумни и го бранат, се гордеат со неговото бегство и го поддржуваат секој криминал направен од ВМРО, сè крив им е Заев, а овој цвеќе за мирисање, мед и млеко во нивно време – народот треба да се смени не политичарите“. Потпишан со Јети Бруни со доза на хумор во својот пост: „Сакал да оди во Европа и си отиде пред нас“, а Роби Н Худ иронично и уште пократко: „Тежок е животот патриотски“.
Бран негодувања и подбив предизвикала изјавата на премиерот Заев дека Груевски е можеби киднапиран. Снежана Крстевска коментира: „Уште и откуп ќе треба да платиме“. А Мики Попоски се надоврзува на премиерот: „Можеби, ама... не го предвидовте и откривте тоа?! Доста се вадите на други, имајте м.д. и признајте си ги грешките и неспособните лица во своите редови! Повеќе ќе ве цениме!“ И Љупчо Ефремов реагира на „киднапирањето“: „Киднапиран... ако почекате со барањето за екстрадиција и од Унгарија ќе го киднапираат“.