Намалена смртноста кај предвреме родените бебиња

Намалена е стапката на смртност на предвреме родените новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје во првите десет месеци од годинава во споредба со 2017 и 2016. Лани имало 35-36 починати новороденчиња на илјада живородени, а заклучно до 15 ноември годинава има 25 новороденчиња на илјада живородени. Починати новороденчиња на Одделението за интензивна нега и третман во 2016 имало 24-25 отсто, во 2017- 21 отсто, а сега 16 отсто.

На Клиниката за гинекологија и акушерство годишно се згрижуваат на Одделението за интензивна нега и терапија од 650 до 750 предвремено родени новороденчиња.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање рече дека верува во стручноста на неговите колеги, гинеколози. Смета дека има доволен број на гинеколози, но не се добро распределени.

Годинава Светскиот ден на предвременото породување е под слоганот „Да соработуваме: Партнерство со семејствата при грижата за малите и болни новороденчиња.“

Најчести причини за предвремено породување се инфекциите кај мајките за време на бременоста, аномалии на матката, ин витро оплодувањата со повеќе плодови и се уште има нередовно контролирани трудници кои првпат доаѓаат на лекар за време на породувањето. Докторите апелираат трудниците да не пијат алкохол, да не пушат, да имаат богата исхрана, да одат редовно на контрола, да се контролираат секуално преносливите болести, да не се дозволат вагинални и уринарни инфекции, редовно да земаат терапија, да се слушаат советите на докторите и да се користат суплементи во бременоста.