Мета: Бегството на Груевски на еден начин е признавање на вината

Илир Мета

Албанскиот претседател Илир Мета, гостувајќи во синоќешната емисија „Опен” на тиранската телевизија Топ чанел, ја коментираше веста за бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија, минувајќи преку Албанија.

Мета изјави дека минувањето на Груевски низ Албанија е прашање кое треба да им се постави на соодветните одговорни органи во земјата, додавајќи дека на еден начин заминувањето на Груевски од Македонија е признавање вина од негова страна.

Не сакам да се мешам во ова прашање, но сметам дека неговото заминување од Македонија е знак на слабост. Избегнувањето на правдата е неприфатливо и на некој начин е признавање на вината, рече Мета.

Тој посочи и личен пример, кога во 1992 година му бил одземен имунитетот и обвинителството издало налог за негово апсење, по што му бил нуден политички азил од Грција и Италија, но тој го одбил.

Според Мета, политичарите на Балканот мора да бидат подготвени за сите предизвици и да се однесуваат машки.