Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, денеска побара оставка од премиерот Зоран Заев, но и формирање експертска влада. По бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, тој побара одговорност и од сите надлежни институции, а од Јавното обвинителство да отвори постапка за сите за кои има сознанија дека му помогнале на Груевски да побегне од Македонија.
Експертската влада, според Села, ќе треба да ги продолжи евроинтегративните процеси, но и да ја спроведе реформата во судството и како што рече, да одговараат сите судии за скандалите на кои сме сведоци. „Ние повеќепати предупредувавме дека е можно вмроизираното судство да премине во сдсмизирано и сега тоа е реалност. Затоа бараме премиерот Зоран Заев и Владата да преземат одговорност и поднесат оставка, и веднаш да се формира експертска влада“, рече Села на прес-конференцијата во Собранието.
Претседателот на Алијансата за Албанците смета дека се потребни и предвремени парламентарни избори кои би се организирале заедно со претседателските.