Владата на Унгарија објави дека нејизните власти дозволиле поранешниот премиер Никола Груевски да поднесе барање за азил, а со тоа да биде сослушан и во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта "бидејќи тоа е законско прашање".
„Со оглед на фактот дека тој беше премиер на Македонија 10 години, од безбедносни причини унгарските власти му дозволија на г. Груевски да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта, која ќе ја спроведе процедурата во согласност со унгарските и со меѓународните закони“, се наведува во дописот на унгарската влада.
Од владата на Унгарија наведуваат дека Македонија е стратешки партнер и важен сојузник на Унгарија и оти добрата соработка меѓу двете земји е важен темелник за развој на балканскиот регион и за безбедноста на Европа.
„Актуелната македонска влада е партнер на Унгарија и затоа ние на ниеден начин не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на суверените држави и сметаме дека разгледувањето на барањето за азил на поранешниот македонски премиер е чисто законско прашање“, се додава во дописот од унгарската влада.
Во дописот се додава дека според унгарскиот закон, унгарските власти нема да даваат понатамошни детали за процедурата за азил на Груевски пред таа да биде завршена.