Пратеникот Никола Груевски повеќе нема да се води како оправдано отсутен од собраниските седници. Неговата плата ќе се намалува за пет отсто на секои три отсуства од пленарните седници. Ова го заклучиле координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието кои учествуваа на денешната координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери.
На средбата било договорено по изминувањето на шесте месеци неоправдано отсуство на Груевски, повторно да биде ставено на дневен ред одземањето на неговиот пратенички мандат.
Груевски побегна во Унгарија од каде побарал политички азил. Информацијата за заминувањето во Унгарија тој ја соопшти на „Фејсбук“, а подоцна беше потврдена и од МВР.
Груевски требаше да се јави во затворот во Шутка за издржување двегодишна затворска казна по пресуда за случајот „Тенк“. Во моментов полицијата има распишано меѓународна потерница за него.