На Фејсбук профилот на поранешниот премиер Никола Груевски, по кого е распишана потерница за издржување двегодишна затворска казна, е напишано дека тој е во Будимпешта и оти побарал политички азил од унгарските власти.
„Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, напишал денеска Груевски на Фејсбук.
Ова беше објавено на верификуваниот Фејсбук профил на Никола Груевски, на кој тој и претходно објавуваше содржини.
Нема официјална потврда ниту од македонските власти, ниту од унгарската амбасада во Скопје дека Груевски е во Будимпешта и дека таму побарал политички азил.