Финска соопшти дека истражува дали Русија неодамна го попречувала Џи-Пи-Ес (GPS) сигналот во северниот фински регион Лапонија за време на воени вежби на НАТО, на тој начин загрозувајќи го и цивилниот воздушен сообраќај.
Финскиот премиер Јуха Спила ова го соопшти вчера во интервју за Радио Суоми, неколку дена откако тамошните навигациски власти издадоа предупредување за воздушниот сообраќај поради прекин на Џи-Пи-Ес во северниот дел на земјата.
Соседната Норвешка издаде слично предупредување за губење на сигналот на пилотите во својот воздушен простор на крајот на октомври, кога започнаа воени вежби на НАТО, наречени „Спојување на трозабецот“.
Ова беа најголемите воени вежби на НАТО од крајот на Студената војна, во кои учествуваа сите 29 земји членки, плус партнерите Финска и Шведска. Вежбите, кои траеја две недели, се одржаа блиску до Русија, на потегот од Северниот Атлантик до Балтичкото Море. На вежбите учествуваа 50 илјади војници, 250 авиони и 65 бродови.
Русија го обвини НАТО за провокативно однесување во близина на нејзините граници.
Финска, која со Русија има граница долга над 1300 километри, во последно време разви поблиски врски со НАТО, но не доби полноправно членство.
Силна експлозија денеска го потресе Кабул, а има и жртви.