Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска денеска е во посета на Француската Република каде на покана на претседателот на Емануел Макрон ќе присуствува на церемонијата по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата Светска Војна, соопштиј Кабинетот на претседателот.
На церемонијата што ќе се одржи пред Триумфалната капија во Париз, ќе се обрати Макрон, а предвидено е присуство на лидери чии земји се бореле во Европа од 1914 до 1918 година, како и земјите кои испратиле свои контингенти да војуваат во Европа.
Претседателот Иванов ќе присуствува и на приемот, што за учесниците на церемонијата ќе го приреди претседателот Макрон во Елисејската палата.
Попладне, претседателот Иванов ќе присуствува и ќе се обрати на Парискиот мировен форум, што ќе се одржи на иницијатива на францускиот претседател.
На отворањето на форумот ќе се обратат Макрон, Канцеларката Ангела Меркел и Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.
Одбележување на стогодишнината од крајот на Првата светска војна денеска ќе се одржи и во Скопје. На Британските воени гробишта во Скопје ќе се одржи служба за сеќавање на паднатите борци во Првата светска војна во организација на Британската амбасада во Македонија.
На службата ќе присуствува британската амбасадорка Рејчел Галовеј, делегација на Министерстовото за одбрана на Република Македонија и Армијата на Република Македонија, претставници на дипломатската заедница во Македонија и членови на британската заедница во Македонија, кои ќе положат цвеќе.