СЈО отвори нова истрага „Империја“ против Орце Камчев и Сашо Мијалков

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, пред Суд

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, пред Суд

СЈО денеска соопшти дека отворило нова истрага, со кодно име Империја, против Орце Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

СЈО соопштува дека тие се сомничат дека го сториле кривичните дела во периодот од 2002 до 2013 година.

„Во текот на денешниот ден од страна на ова Јавно обвинителство, во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство“, се наведува во соопштението на СЈО.

Ова обвинителството информира дека во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела.

СЈО соопшти дека ќе побара и замрзнување на имотот.