Собранието не му го одзеде мандатот на Никола Груевски

Архивска фотографија: Пратеникот Никола Груевски во Собрание

Собранието денеска не му го одзеде мандатот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. „За“ предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот гласаа 58 пратеници, а 27 беа против. За одземање на мандатот беше потребно двотретинско мнозинство, односно 80 гласови.

Собраниската комисија со мнозинство гласови во средата препорача да му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес во предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Денешната одлука на пратениците да не му го одземат мандатот на Груевски не го одложува извршувањето на казната.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ вчера требаше да се јави на издржување на затворската казна. Но, тој и неговите адвокати поднесоа жалби против решението на судијата за извршување санкции кој постапува по предметот. Од судот информираат дека од денеска тече рокот од три дена во кои Кривичниот совет треба да донесе одлука по жалбите.