Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој неодамна беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ, го обвини партискиот лидер Христијан Мицкоски дека доживеал голем срам на меѓународна сцена од сестринските партии кои се дел од Европската народна партија, со тоа што на Конгресот на ЕНП во Хелсинки, освен официјалната партиска делегација, биле поканети и претставници на оние кои го поддржаа Преспанскиот договор и беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Мијалков го обвинува Мицкоски за лажен патриотизам и лицемерие.
„Биди еднаш искрен и признај и пред членството и пред граѓаните, какви се тие твои заложби за конструктивност кои му ги вети на Хан. Дали Хан лаже за твоите заложби“, прашува Мијалков во писмото.
Тој смета дека доколку ВМРО-ДПМНЕ загуби на претстојните избори затоа што е изолирано, тоа ќе биде само затоа што Мицкоски нема капацитет.
„Крајно време е да размислиш и одлучиш за враќање на прозападниот курс, зацртан во трајните определби на партијата“, пишува Мијалков во писмото.
Ова е второ отворено писмо на Мијалков до Мицкоски во рок од две недели, односно откако беше исклучен од партиските редови. Писмото е во контекст со случувањата на Конгресот на Европската народна партија (ЕНП) во Хелсинки, каде партијата е претставена со две делегации, една предводена од Мицкоски и втората, на реформското крило во партијата, кое е таму повикано на лична покана од претседателот на ЕНП, Жозеф Дол.