Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, на Конгресот на Европската народна партија(ЕНП) се сретна со поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, реформаторот Петар Богојевски и пратеничката Емилија Александрова. Сите тројца беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ поради нивниот став во врска со Преспанскиот договор.
Хан денеска на Твитер објави дека ја поздравува нивната храброст за гласањето за Преспанскиот договор.
„Сите закани против нив мора да престанат! Сите партии треба да работат на европската агенда која големото мнозинство од граѓаните ја посакува“, напиша Хан на Твитер, објавувајќи заедничка фотографија со тројцата политичари.
Синоќа, Хан објави фотографија и од средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при што напиша дека Преспанскиот договор мора да се финализира брзо, без пречки.
„Ја поддржувам неговата [на Мицкоски] заложба да не ја попречува процедурата во Собранието. На ЕУ интеграциите им треба лојална опозиција“, напиша синоќа Хан.
Претходно, и претседателката на Асоцијацијата на жени на ЕНП, Дорис Пак, соопшти дека ЕНП не смее да го толерира однесувањето на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кон осумте пратеници кои гласаа за уставните измени, спротивно на ставот на партијата.
„Неприфатливо е осумте пратеници од ВМРО кои гласаа за договорот со Грција и за европска иднина на земјата сега да примаат закани и да се третираат како криминалци. ЕПП тоа не смее да го толерира“, напиша Пак на Твитер, по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Хелсински, каде се одржува Конгресот на ЕПП.
Освен партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од претседателот Христијан Мицкоски, Европската народна партија покани и претставници на исклучените од партијата.