Во Собранието расправа за одземање на имунитетот на Груевски

Никола Груевски

Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието на Македонија денеска треба да реши дали пратеникот Никола Груевски е недостоен за вршење на пратеничката функција. Груевски е осуден на две години затвор во случајот на СЈО „Тенк" и на 8 ноември треба да се јави на издржување на затворската казна. За одземање на пратеничкиот мандат потребно е двотретинско мнозинство. Осумтемина пратеници, членови на новата пратеничка група, кои гласаа за пристапување кон промена на Уставот според Договорот од Преспа за промена на името, веќе најавија дека нема да гласаат за одземање на мандатот на Груевски. По собраниската комисија, за ова прашање треба да одлучи Собранието со двотретинско мнозинство. Груевски веќе го доби упатниот акт за издржување на казната затвор најдоцна до 8 ноември. Неговата молба за одложување на казната беше одбиена од судија за извршување санкции при Основниот Суд Скопје 1. Сега неговата одбрана има право на жалба до Кривичниот совет кој има рок од три дена да одлучи.