Сведокот Ѓорѓи Лазаревски, кој беше вработен во УБК, на денешното рочиште за предметот Тврдина-Таргет на СЈО рече дека, иако свесен за нелегалното прислушување, две години не преземал ништо зашто знаел дека нема да може да го докаже. Тој рече дека забележал дека во системот за следење на комуникациите, меѓу легалните таргети има и нелегални, меѓу кои броеви од јавни личности и политичари од опозицијата.
Тој рече дека го прашал колегата Звонко Костовски дали е вистина дека се прислушуваат актуелни министри и реакцијата на Звонко била дека „нема кој не се прислушува“, по што го замолил „да почне да собира докази за да се употребат за судска разврска“.
Тој рече дека подоцна доказите за прислушувањето му ги предал на поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски.
Во „Таргет-Тврдина“, освен екс директорот на УБК Сашо Мијалков, обвинети е и шефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски, како и уште шест други лица од Управата.
Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.