Најдено удавено девојчето што падна во Вардар бегајќи од кучиња скитници

Илустрација: Кучиња скитници во центарот на Скопје

Тричасовната потрага по девојче кое синоќа паднало во водите на Вардар во Гостивар, заврши со трагичен епилог. Телото било најдено од жители на селото Балиндол, околу 22 часот, кои и го пријавиле случајот во полиција. Од СВР Тетово, информираа дека полициски служебници кои дошле на местото, го извлекле од водата, а лекар од брзата помош констатирал смрт. Според првичните информации се работи за 17 годишно девојче од гостиварското село Здуње.

Тоа паднало во водите на Вардар, околу 19 часот во близина на гостиварската болница откако претходно се обидувало да се одбрани од куче бездомник. Бранејќи се, стигнало до самиот брег на кејот и изгубило рамнотежа и паднало во водите на Вардар. Сведоци на трагедијата биле минувачи кои повикале помош, по што беше организирана потрага, но и покрај вложените напори не е спасено.