Високи воени претставници на 29 - те земји членки на Воениот комитет на НАТО, предводени од заменик претседавачот генерал-потполковник Стивен Шепро, денеска и утре првпат ќе престојуваат во посета на Армијата на Македонија. За време на посетата, до која доаѓа по покана од министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, претставниците на Воениот комитет на НАТО, ќе бидат запознати со постигнувањата, подготвеноста и идните планови на Македонија и АРМ за полноправно членство во Алијансата. Од Министерството за одбрана информираат дека се работи за исклучиво воен настан од затворен тип. Не е предвиден прием и учество на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов. Воениот комитет е највисоко воено консултативно тело на НАТО, воспоставено неколку месеци по формирањето на Алијансата, а го сочинуваат началниците на Генералштабовите на Армите на членките на НАТО.