Да не се избрзува со усвојување на најавената даночна и пензиско-социјална реформа, апелира денеска Стопанската комора на Македонија, коментирајќи ја завчерашната одлука на Владата. Според Комората, треба да се има предвид дека остануваат помалку од 60 дена до новата фискална година во која ќе почне примената на предложените мерки, а голем дел од деловните субјекти веќе ги имаат усвоено и утврдено финансиските планови за 2019-та.
„За најновите владини мерки што беа соопштени во саботата потребни се длабински анализи и широка консултација со сите засегнати страни. Освен даночната стапка која веќе беше презентирана, за целосно согледување на ефектите од овие нови решенија ќе треба детално да се анализираат и прашањата за даночната основа, субјектите, даночните повластувања, но и како ќе се спроведува контролата врз овој предложен даночен режим, имајќи предвид дека станува збор за целосно нов систем на даночно уредување на личните доходи поради што сметаме дека е потребно подолго време“, истакна Татјана Штерјова од Стопанската комора.
Таа потсети и дека во септември годинава Комората поднесе барања предложените мерки за прогресивно оданочување да бидат одложени за пет години, по процес на широки консултации со цел воочување на ефектите од измените.