Mинистерот за финансии, Драган Тевдовски денеска на заедничката прес-конференција во Владата со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека со воведување на прогресивно праведно даночење се планира да се соберат околу 25 милиони евра во буџетот во 2019 година. Со тие пари, според него, ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата.
Со даночната реформа се планира за доходот до 90.000 денари месечно, данокот да остане 10 отсто како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8 проценти. Тевдовски порача дека корист од рамниот данок имале само најбогатите, а прагот од 90.000 денари ги опфаќа 1 процент од најдоходовните граѓани во Република Македонија.
Царовска истакна дека со средствата од фер даноците ќе се финансира мерката минимален загарантиран приход со која практично на примателите на социјална помош им се зголемува социјалната помош за 300 проценти.