Судот ја одби жалбата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на мерката за замрзнување на имотот

Основниот суд Скопје 1 – Скопје ја одби жалбата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која побара да се укине мерката за замрзнување на имотот бидејќи, како што соопштија, со тоа ѝ се нанесува штета на партијата.

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска, постапуваше по жалба изјавена против решение на судија на претходна постапка, кој го уважи предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите и изрече привремена мерка за обезбедување на недвижен имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, опфатена со предлогот. Советот, по ценење на фактите и доказите во жалбата, донесе решение со кое ја одби жалбата и го потврди решението на судијата на претходна постапка“ се наведува во соопштението на судот.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев вчера оцени дека барањето на СЈО и одлуките на судиите се неосновани, без аргументација и политички се мотивирани. Кривичниот суд вчера замрзна 69 имоти на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и седиштето на партијата позната како Белата палата. Со оваа мерка се забранува продавање на конкретниот имот, како и давање под закуп на истиот. Од СЈО соопштија дека дејствијата се преземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката.