Одбиено е барањето за одложување на затворската казна на поранешниот премиер Никола Груевски, соопшти Основниот суд Скопје 1. Во соопштението е наведено дека Груевски сега ќе има право на жалба до Кривичниот совет во рок од три дена.
Неофицијално, има две причини на кои се повикува Груевски во барањето за одложување за издржување на затворската казна. Првата се обврските што ги има како пратеник, пред сè поради актуелните процеси во Собранието поврзани со уставните измени, додека втората причина е поврзана со докторатот кој го одбрани летоска, односно врз основа на докторската теза да напише книга.
Експремиерот Груевски бара одлагање и од Врховниот суд. Неговите адвокати ова го предложиле уште минатата недела во барањата за вонредно преиспитување на пресудата за „Тенк“, но од Врховен велат дека до нив сè уште не е пристигнато.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ најдоцна до 8 ноември треба да се јави на издржување на двегодишната казна затвор за случајот „Тенк“, односно за набавката на луксузниот мерцедес.