Владата денеска на седница го усвои текстот на нацрт-амандманите на Уставот согласно Договорот од Преспа и заклучоците на македонското Собрание. На прес-конференција во Владата денеска нацрт-амандманите ги соопшти премиерот Зоран Заев, кој рече дека четирите амандмани се едноставни, немаат ништо спорно и се во согласност со меѓународните стандарди и заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на интеграцијата во ЕУ и НАТО.
Првиот амандман се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во членот 36 каде има историски аспект.
Вториот се однесува на Преамбулата на Уставот, каде, како што рече Заев, одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор да биде конститутивен елемент на државата.
„Делот на АСНОМ се однесува на замена на одлуките со Прогласот на АСНОМ, заради тоа што, ако остане вака, тоа би предизвикало одредени проблеми во одредени можни идни времиња на соработката меѓу Македонија и Грција. Тоа е така затоа што дел од одлуките на АСНОМ велат „Македонци од Грција и Бугарија обединете се“. Прогласот го нема тој дел, туку во него се зборува за единството во државата, демократијата, државотворноста, слободата, човековите права и слично и тоа е фер пристап за градење пријателство“, рече Заев.
Во однос на Охридскиот рамковен договор, кој се вметнува во Преамбулата на Уставот, премиерот рече дека овој договор и досега бил целосно вграден во Уставот, но оти аргументите што биле дадени во дебатата биле дека кога веќе се отвара Уставот, тогаш и тој да се вгради за да биде конститутивен елемент.
Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
Во четвртиот амандман, покрај потврдување на македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Координаторката на Независната пратеничка група, составена од пратениците на опозицијата кои поддржаа отворање на уставот, Елизабета Канческа-Милевска, претходно рече дека нивните предлози за подобрување на уставните амандмани се прифатени.
Нацрт-амандманите ќе бидат доставени до Собранието каде во рок од 30 дена ќе бидат разгледани по што ќе се организира јавна дебата. Потоа повторно се враќаат во Владата каде ќе бидат утврдени како уставни амандмани по што повторно се доставуваат до Собранието каде во рок од 30 дена треба да се одржи и финалната пленарна седница на која ќе биде потребно двотретинско мнозинство.