Со слетување на авионот на „Ејџиан ерлајнс“ вечерва на Скопскиот аеродром по повеќе од 10 години е возобновена авиолинијата Атина – Скопје.
Меѓу првите патници што од Атина пристигнаа на скопскиот аеродром е македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи кој на атинскиот аеродром симболично беше испратен од алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос.
Директорот за земски операции на Ејџиан ерлајнс Панос Николаидис кој допатува со промотивниот лет изјави дека е среќен оти повторно е обновена авионската линија помеѓу двата главни града. Тој рече дека последниот редовен лет од Атина за Скопје бил во 2003 година.
„Овој лет не само што ќе биде корисен за бизнисмените и граѓаните, туку и ќе придонесе и за подлабока соработка меѓу двете земји” рече Николаидис.
„Ејџијан ерлајнс” ќе ја опслужува редовната линија од Атина за Скопје два пати седмично, во вторник и в четврток.
По повод обновувањето на авиолинијата Скопје – Атина, ТАВ Македонија на скопскиот аердром организира официјален пречек.