Одлуката за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ е политички мотивирана за да се изврши политички прогон врз партиското делување, обвини генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. Тој рече дека е замрзнат целиот имот на партијата и сите штабови низ целата земја во вредност од околу 10 милиони евра и оти тоа ќе предизвика сериозна штета во функционирањето на партијата. Тој рече дека за прв пат во Македонија се замрзнува имот на опозициска партија.
„Оваа власт се обидува да забрани политичко делување кое се разликува од антидржавните политики на СДСМ. Одлуките на судиите се неосновани и без правна аргументација, исклучиво политички мотивирани. Не постои мандат и надлежност за определување вакво барање, а второ ВМРО-ДПМНЕ како правно лице не е осомничено во постапка, оттука очигледна е намерата на инспираторите на ова сценарио да се спроведе политички прогон со кој на партијата и се извршува штета и се спречува нормалното работење“, рече Јанушев.
Тој посочи дека веќе е поднесена жалба за решението на судот.
Судија на претходна постапка, по барање на СЈО, претходно изрече привремена мерка за обезбедување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Дејствијата се преземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што, според СЈО, постои веројатност имотот да биде отуѓен до завршување на постапката.