Судија на претходна постапка, по барање на СЈО, денеска изрече привремена мерка за обезбедување на имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. СЈО информира дека со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата.
„Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот, како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се преземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката“, се наведува во соопштението од СЈО.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за порталот МКД.мк пред неколку дена рече дека ако има соодветна понуда, би го продале или би го изнајмувале седиштето на партијата.
„Сега правиме еден вид на скенирање на пазарот, па ќе видиме“, рече Мицкоски во интервјуто.
Истрагата Талир на СЈО се однесува на нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. СЈО побара замрзнување на имотот уште кога ја отвори истрагата, но судот тогаш не го прифати нивното барање.