Груевски бара одложување на затворот поради пратенички обврски и пишување книга

Архивска фотографија: Тогашниот премиер Никола Груевски промовираше нови книги од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“

Барањето за одлагање на казната за Никола Груевски денеска пристигнало до Кривичниот суд и веднаш е дадено на судија за извршување на санкции, кој во законскиот рок од три дена треба да се произнесе, информира на брифинг со новинарите претседателот на Кривичниот суд во Скопје Иван Џолев. Доколку е одбиена жалбата, Груевски има право да се жали до Кривичен совет, кој одлучува во втор степен.

Џолев рече дека не ги знае причините поради кои се бара одложување на затворот и дека тоа е обврска на судијата за извршување на санкции.

Неофицијално, двете причини на кои се повикува Груевски се обврските што ги има како пратеник, пред сè поради актуелните процеси во Собранието поврзани со уставните измени. Втората причина е поврзана со докторатот кој го одбрани летоска, односно врз основа на докторската теза да напише книга.

Експремиерот Груевски бара одлагање и од Врховниот суд. Неговите адвокати ова го предложиле уште минатата недела во барањата за вонредно преиспитување на пресудата за „Тенк“, но од Врховен велат дека до нив сè уште не е пристигнато.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ најдоцна до 8 ноември треба да се јави на издржување на двегодишната казна затвор за случајот „Тенк“, односно за набавката на луксузниот мерцедес.