Ерменскиот парламент денеска во прво читање го изгласа законот за амнестија, предложен од владата, по повод 100-годишнината од Првата ерменска република и 2800-годишнината од основањето на главниот град Ереван. Сите 72 присутни пратеници гласаа „за“. Седницата за второто и последно читање треба да се одржи утре.
Според власта, предложената амнестија директно или индиректно ќе опфати околу 6.500 луѓе, а околу 660 луѓе треба да бидат ослободени.
Со законот исто така ќе бидат амнестирани припадниците на вооружената група Сасна Црер, кои во јули 2016 година запоседнаа и две недели држеа во заложништво полициска станица во Ереван. Амнестијата ќе ги опфати и членовите на радикалното опозициско Движење за основање на Парламентот, кои во 2015 година беа осудени за заговор за државен удар.
Амнестијата нема да опфати луѓе осудени за тешки кривични дела, трговија со луѓе, ја попречувале работата на новинарите, извршиле голема измама, тероризам или биле вклучени во саботажи.