Пратеничката Лилјана Затуроска поднесе оставка од позицијата генерален секретар на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Пред неколку часа и претседателката на Унијата, Даниела Рангелова, се повлече од функцијата, затоа што, како што наведе, не сака да биде дел од партиското раководство што ја изолира ВМРО-ДПМНЕ.
Затуроска, во објавата на Фејсбук, и се заблагодари на Рангелова за довербата што и ја дала во два мандати да биде генерален секретар на Унијата на жени.
„Рангелова и тимот ја поставија Унијата на жени на високото скалило во партијата и така треба да продолжи“, наведува Затуроска на Фејсбук, не образложувајќи ги причините за напуштање на партиската функција.
Рангелова претходно го обвини партиското раководство дека ја изолира партијата. Сплеткари и создава кавги и поделби.
Вчера, пратеникот Драган Данев рече дека веќе веројатно нема да биде координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, од партијата беа исклучени пратениците кои гласаа за почеток на постапката за уставни измени во согласност со Договорот од Преспа, но и други видни членови и поранешни функционери, како доскорешниот партиски потпретседател Митко Јанчев, кој е градоначалник на Кавадарци, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.