Осуммина загинати во невремето во Италија

Поплавен плоштадот Свети Марко во Венеција

Осум луѓе загинаа во невремето и поплавите кои ја зафатија Италија од неделата, соопшти цивилната заштита, додека бројни училишта ширум земјата денеска се затворени.

Во голем дел од Италија има предупредување од поплави поради поројните дождови, а лошото одржување на речните текови само го влошува проблемот.

Силниот ветер соборува дрвја, а четворица од загинатите на тој начин го загубиле животот во подрачјата на Неапол и Лацио.

Италијанските медиуми јавуваат дека 170 луѓе, туристи и вработени во хотелите, се заробени кај преминот Стелвио на границата со Швајцарија на висина од над 2.700 метри поради големиот снег, кој достигнува до 1,5 метри. Бројни патишта се непроодни, а не некои места нема струја.

Силните дождови, следени со ветрови кои достигнуваат брзина од 180 километри на час предизвикаа големи проблеми во делови од Италија. Сообраќајот е отежнат, училиштата во Џенова и во Рим се затворени, а градските власти во Рим ги затворија и туристичките атракции, меѓу кои и Колосеумот и Форумот.