ОТА: Во Македонија веќе нема незаконско прислушување

Зоран Ангеловски, директор на Оперативно техничката агенција (ОТА)

Оперативно техничката агенција, која согласно со реформите ќе биде медијатор во процесот на следење на комуникациите, ќе почне да работи од 1 ноември, како што беше предвидено со законското решение. Новоформираната Агенција, што треба да придонесе за спречување на нелегалното прислушување во земјава, е сместена во просториите на Телеком.

Нејзиниот директор Зоран Ангеловски денеска имаше средба со членовите на собраниската Комисија за надзор над спроведување на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана.

Средбата беше од затворен тип, а пред нејзиниот почеток тој во изјава за медиумите нагласи дека во Македонија во моментов нема незаконско прислушување.

Како директор можам да ви кажам на сите вас, на медиумите, на јавноста дека во моментов опремата е пренесена во ОТА и дека незаконско прислушување нема, тоа го гарантирам со целиот интегритет, нагласи Ангеловски пред почетокот на средбата со собраниската Комисија.

Бидејќи ОТА требаше да профункционира од 1 ноември, Ангеловски рече дека поради краткото време со кое располагале одлучено е Агенцијата да биде сместена во зградата на Телеком.