Премиерот Зоран Заев и владин тим ќе ги разгледаат нацрт-амандманите на Уставот предложени од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
Заев попладнево, по средбата во Парламентот со осумтемина пратеници од оваа група, на која присуствуваа и министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Рената Дескоска, рече дека до петок ќе има уште една средба со осумте пратеници кои ги поддржаа уставните измени, како и дека продолжуваат консултациите за нацрт-амандманите со другите пратеници од мнозинството, но и од БЕСА и Алијанса за Албанците.
На средбата станало збор и за формирање кординативно тело за помирување во кое тројца членови би биле од новата пратеничка група, како и координаторите од другите пратенички групи.
Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ по средбата потврди дека се разговарало за барањата што ги упати оваа група пратеници по поддршката на отворањето на процесот за уставни измени.
Нашите предлози во најголем дел, рече тој, за Владата се прифатливи и оттаму ветија дека ќе ги вградат во нацрт-амандмани. Потоа, додаде Рамчиловиќ треба да ги испратат до нас и да видиме дали тоа е направено.