ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието го поднесе Предлог-законот за амнестија за лица осомничени, обвинети или осудени за собраниските настани од 27 април. Партијата предлага законот да биде донесен по скратена постапка. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев апелираше до сите политички партии и до нивните лидери, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев, да го погледнат законот и да учествуваат во неговото донесување, а притоа доколку сметаат дека треба да поднесат и амандмани.
„Подготвени сме да разговараме и преговараме“, рече Данев, нагласувајќи дека со овој закон би биле опфатени сите учесници во насилствата од 27 април во Собранието, вклучувајќи ги и пратениците, но и организаторите и останатите учесници и граѓани во настаните.
Според Данев, овој Предлог-закон обезбедува правда за сите, вистинско национално помирување наместо селективност и, како што кажа, поделби кои ги нуди СДСМ. Целта, според него, е национално помирување и враќање на нормалните текови во државата.
Тој рече дека тие како партија сè уште го градат ставот во врска со најавеното формирање комисија за помирување предложена од нивните поранешни колеги кои гласаа за почеток на уставни измени, кои сега се дел од новата пратеничка група.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ во иднина веројатно ќе настапува како една пратеничка група, а не како досега со 10. Данев рече дека веројатно тој нема да биде нејзин координатор.