Новата пратеничка група се вклучува во разговорите за уставните амандмани

Пратеникот Крсто Мукоски

Претседателот на Собранието Талат Џафери на редовната понеделничка координативна средба ги информирал координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието дека е формирана нова независна пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со осумтемина пратеници кои гласаа „за“ пристапување кон уставни измени. Координатор на оваа пратеничка група ќе биде Елизабета Канческа - Милевска.

Групата ќе делува опозициски.

Тие денеска ќе се сретнат со премиерот Зоран Заев и министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Рената Тренеска Дескоска. На средбата ќе се разговара за нацрт-амандманите на Уставот што Владата треба да ги достави до Собранието.

Во Собранието до пладне не беа пристигнати нацрт-амандманите за уставните измени и нема официјални најави кога би можело да се случи тоа. Претпоставките се дека ќе се чека исходот од разговорите со новата пратеничка група.

Владејачките партии очекуваа разговори и со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но тоа, барем официјално, не се случи.

Петнаесетдневниот рок за доставување на нацрт амандманите истекува в петок.