Меркел – Ова е мој последен мандат на чело на германската влада

Германската канцеларка Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ова е нејзин последен мандат на чело на германската влада и оти нема да се кандидира за никаква политичка функција по завршувањето на мандатот во 2021 година.

Зборувајќи денеска во Берлин, таа рече дека нема да се кандидира за нов претседателски мандат во нејзината Христијанско-демократска унија, но оти сака да остане канцеларка до крај на мандатот.

За лидерската позиција во партијата ќе се кандидира Анегрет Крамп-Каренбауер, велат партиски извори. Крамп-Каренбауер е генерален секретар на ЦДУ. Германските медиуми објавија дека за лидерската позиција е заинтересиран и Фридрих Мерц, кого Меркел го отстрани од партиското раководство во 2002 година, како и министерот за здравство, Јенс Шпан.

До ова доаѓа по намалувањето на поддршката на конзервативната коалиција на парламентарните избори во две германски сојузни држави во изминатите две недели. Поддршката на ЦДУ падна за 10 проценти во државата Хесен. Сестринската партија на ЦДУ, Христијанско социјалистичката унија, доживеа слични загуби на изборите во Баварија.

ЦДУ треба да избере нов партиски лидер на Конгресот во декември. Меркел е на чело на партијата од 2000 година, а ја води германската влада од 2005 година.