ВМРО во центарот на коментарите - Белата палата на продажба?

Сашо Мијалков на рочиште за „Таргет-Тврдина“

Најмногу коментари на социјалните мрежи има за писмото на Мијалков до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и за вестите дека партијата ќе ја продава или издава под наем т.н. Бела палата и дека Груевски треба да се јави во затвор.

Отвореното писмо на исклучениот од ВМРО-ДПМНЕ братучед на Груевски, Сашо Мијалков, до сегашниот прв човек на партијата, Христијан Мицкоски – нова тема за посетителите на ФБ страницата на РСЕ. Издвојуваме само неколку коментари. Потпишан со Свен Микел напишал: „Циркусот на ДПМНЕ продолжува“, па три смешковци со исклештени заби. „Се јадат бандитите помеѓу себе“, додал. Диме Диме меѓутоа смета дека писмото на Мијалков покажува дека „и требало да бидеш исклучен, да сакаш нешто добро за ДПМНЕ, особено за Македонија, ти би молчел, па да си невин како Исус, но ти работиш како што сака Заев, односно неговите западни служби кои ги влечат конците на куклата Заев...“ Јосевски Јосиф го прашува Димета зошто "патката", како што напишал, не реагирал додека бил на власт за „бабарогите“ од Западот да не влечат конци? Па продолжува: „Зошто додека беше на власт не го реши спорот со името за да ја внесе земјата во ЕУ и во НАТО? Зошто им даваше концесии и тендери на другарчињата од неговата партија кои сега го заборавија? Зошто патриотот не направи ништо за државата?“

По веста дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја продава или издава под наем т.н. Бела палата, Ѓорѓи Ристески постирал: „Не е тоа никаква бела палата, тоа Рајхстагот на Хитлер и треба да се испита потеклото на парите, како и за сè друго што го стекна таа политичка партија за време на владеењето“. Буки Буки малку со потсмев и кратко: „Добро ќе е за деца без родители“, а Џеко Кадри како да знае: „За 1 евро квадрат ќе се продаде“. Симона Костев смета дека ако се продаде Белата палата „нашите пари со кои е изградена ќе им останат и легално ќе бидат нивни“. Па предлага конфискација, напишано со крупни букви.

За случајот на СЈО, „Тенк“, поранешниот премиер Груевски доби две години затвор и до 8 ноември треба да се јави во затворот во Шуто Оризари. Мите Апостолов изгледа не е задоволен со казната па коментирал: „Тешки глупости. За таа пара и јас ќе лежам 2 години“. А Билјана Бибе Марковиќ смета дека тоа било селективна правда. „Ве подлажаа“, вели, „со затвор на бивш премиер, а тие име ни сменија“. Марјан Тренговски, пак, сомничав ДЕКА Груевски ќе лежи затвор: „Изгледа брзо ќе се формира комисијата за ’ПОМИРУВАЊЕ‘“. Панче Караѓоз, како да го гледа тоа во што е убеден и налутено постирал: „Не само за мерцедесот.... да го затворите за сè што направи добро. Криминалците пуштете ги и дајте им власт. Да го убиваат народот и да крадат и никој ништо да не им може. Овој народ толку заслужува“.