Продолжува судењето за 27 април, ВМРО-ДПМНЕ поднесува закон за амнестија

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за насилствата во Собранието на 27 април минатата година. Истовремено, во Собранието, за денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го достави предлог-законот за амнестија на сите инволвирани во насилствата.

На претходното рочиште, на 25 октомври, беа прегледувани снимки од надзорните камери пред кабинетот на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и од други места во Собранието. Рочиштето траеше повеќе од десет часа и беа прегледани само неколку снимки од безбедносните камери со случувањата на 27 април. На снимките се гледаше движење од членовите на обезбедувањето на Трајко Вељановски, на обвинетите Горан Ѓошевски и Елена Доцевска-Божиновска, како и Иван Цветановски. На снимките се појавуваат обвинетите Никола Митревски Кољо, со фантомка што ја симнува, Абдулфета Аљими, Стефан Младеновски и Митре Питроповски, Илија Славевски, а пред крајот и Борис Дамовски и Владо Јовановски.

За случајот „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.