Од ВМРО-ДПМНЕ се уште нема реакција на писмото од поранешниот шеф на Управата забезбедност Сашо Мијалков во кое тој директно го повикува и обвинува актуелниот партиски претседател Христијан Мицкоски. Високи извори од партијата најавуваат одговор на писмото деновиве, но тој нема да бил како што велат „таков како што очекувала јавноста“, без да прецизираат каков ќе биде.
Мијалков вчера во отворено писмо ги отфрли, како што наведе, лажните обвинувања фрлени врз него од луѓето кои до вчера се потпирале на неговиот труд, резултати и авторитет. Во писмото, во кое му се обраќа лично со Христијан, го обвинува и за лажен патриотизам, за игри во партијата поврзани со осумте пратеници кои гласаа за уставните измени, а и директно го прашува за “бизнисот со хидроцентралите“ и наводно иземање од истражна постапка на СЈО за случајот Талир.
Мијалков по седницата на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ минатата недела беше исклучен од партијата. Потпретседателот на партијата Александар Николоски тогаш рече дека другиот потпретседател Митко Јанчев, Сашо Мијалков и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров имале силна соработка со Зоран Заев и организирале група за уцени, закани и поткуп на пратеници.
Мијалков вчера најави и тужба поради ваквите изјави на Николоски. Покрај него од партијата исклучија и други членови, како Тодоров, Јанчев и пратениците кои гласаа “за” уставните измени.