Мијалков преку писмо на Мицкоски му порачува дека одел по погрешен пат

Архивска фотографија- поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков

Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, кого актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ го обвини за нелегални активности поврзани со гласањето на уставните измени и го исклучи од партијата, денеска преку отворено писмо се обрати до партискиот претседател Христијан Мицкоски.

Во него тој наведува дека веста за неговото исклучување ја примил со големо неверување и разочарување, а дека за таквиот потег немале ниту еден доказ. Мијалков пишува дека со индигнација ги отфрлал “лажните обвинувања фрлени врз мене од луѓето кои до вчера се потпираа на мојот труд, резултати и авторитет”.

“Наместо кукавички да се подметнуваат лажни обвинувања, покажи ги Христијане доказите дека јас некого со сила сум го терал нешто да прави или сум се обидувал да го поткупам. Ајде!!” пишува Мијалков.

Тој тврди и дека вештачкото и со лажни аргументи се создавала еуфорија против него, презентирано како „Панорама 2“.

“Ако ти и неколкумина твои соработници мислите дека со мое исклучување и јавно оцрнување ќе добиете доверба на граѓаните, сакам исто така јавно да ти кажам дека сте на погрешен пат, како што сте на погрешен пат со многу други политички одлуки и чекори, за кои и самите сте свесни, нешто што го знам од личната комуникација со повеќемина од раководството” пишува Мијалков.

Мијалков, обраќајќи му се на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со Христијан, му упатува и неколку прашања меѓу кои и зошто ако сакал да го одбранил името, не застанал цврсто зад таа кауза, со масовно и секојдневно организирање мирни протести на кои ќе ги поведел илјадниците мотивирани граѓани и членови на партијата.

“Приказната дека некој ќе ги злоупотребел протестите за да те намести и да се повтори „27ми април“ ептен не држи. Тоа е кукавичка приказна на луѓе кои се плашат да се соочат со сопствените вредности и сопствената поддршка.По таа теорија ВМРО не треба веќе никогаш кога е во опозиција да организира протести. Ако некој мисли дека има смисла оваа теорија, нека се запраша зошто митингот од 2-ри јуни или неколкуте т.н маршови во различни градови низ Македонија не се претворија во 27-ми април?” пишува Мијалков.

Во продолжение на писмото тој го повикува Мицкоски да одговорел “ кому како претседател на партијата му се додворувал и кому му имал ветено дека масовни и секојдневни протести за името нема да има и дека ВМРО нема да го блокира процесот за решавање на името, туку само ќе изразува несогласувањe?”

“Кој и како издејствува, ти Христијан кој беше ставен во предистражната постапка за предметот Талир, поврзан со финасирање на партијата во време кога ти беше генерален секретар, да бидеш тргнат од листата? Дали ти не се испазари за самиот себе на грбот не само на другите, туку и на Македонија и на нејзиното уставно име? Зошто веднаш по твојот избор за нов претседател запреа секојдневните протести пред министерството за правда пред затворот Скопје каде беа прiтворени десетици лица со фабрикувано обвинение за тероризам? Зошто? И зошто потоа со месеци не ја отвораа таа тема во јавноста?” прашува Мијалков.

Мијалков понатаму го прашува Мицкоски зошто како што пишува на меѓусебни средби поврзани со решавањето на името говорел едно, а во јавноста друго, се до неодамна, кога пред повеќе недели нагло, како што наведува ја прекинал комуникацијата со него и по трет пат заради “лични интереси го смени курсот во многу полоша насока за државата”.

“Дали е во ред, некои свои соработници пред неколку недели да ги охрабруваш да убедат 8 пратеници да гласаат „за“ со цел да се решело прашањето ама ти да не си бил крив, а плус да глумиш храбар лидер кој бара предвремени избори фалејки се со сомнителни анкети кои ги добиваш од агенција од друга држава?” пишува Мијалков.

На крајот тој го прашува Мицкоски “како тоа како професор со 500 евра плата успеал да дојде до неколку хидроцентрали токму за време на владеењето на ВМРО.

“Колку што јас знам, професори на факултет има многу, но само еден професор во Македонија, кој претходно немал сопствен бизнис, има милионски вредни хидроцентрaли кои носат милионски заработки во евра, а сето тоа без никаков ангажман, само врз основa на добиената концесија доделена од владата на ВМРО?”, пишува Мијалков.

Мијалков најавува и тужба против потпретседателот на партијата.

“Многу жалам заради тоа. Бидејки јас сум во ВМРО уште кога некој од Вас беа во пелени како на пример Александар кој го пуштивте да Ви е гласноговорник, и кој деновиве ќе добие од мене тужба за клевета и навреда, па најпрвин со него ќе се видиме на суд. Нека докаже дека сум го правел тоа за што лажно ме обвини. Барем да имаше храброст ти да го кaжеше тоа, а не да пушташ други”, се наведува во писмото.

Мијалков во долг дел од своето писмо го обвинува Мицкоски дека лажел и како што вели народот го препознавал тоа.