Капитал - Раскол во опозициската партија – Некому остана ВМРО, некому ДПМНЕ
„Раскол во опозициската партија – Некому остана ВМРО, некому ДПМНЕ“ – вака е насловена рубриката Фокус во новиот број на неделникот Капитал во која се прави осврт и анализа на последните случувања во партијата со исклучувањето не само на осумтемина пратеници, туку „ни помалку ни повеќе “ – како што пишува, „и поранешниот шеф на државната безбедност, Сашо Мијалков, потпретседателот Митко Јанчев и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров“. Неделникот забележува дека осумтемина пратеници се само навестување за процесите на внатрепартиската тепачка што кулминираше токму ноќта пред нивниот празник. За неделникот е интересен и фактот дека и двете струи во партијата меѓусебно се обвинуваат за „удбашки“ соработки со странски служби, особено со оние од сверениот сосед. Оваа отворена пресметка, предвидува Капитал, „се чини дека само ќе зема замав во периодот што следува, а анализите говорат дека може да се очекува формирање нова политичка партија, во прво време движење, кое ќе ги обедини незадоволните не само од начинот како владее Мицкоски и неговото одбивање да се дистанцира од претходниот лидер Никола Груевски, туку и воопшто од отворениот конфликт што под негово раководство партијата го има со ЕУ и со НАТО“, завршува Капитал.
Фокус - ’Панорама‘ во белата палата – Братучед против братучед
Наслов „’Панорама‘ во белата палата – Братучед против братучед“ со заедничка фотографија на Никола Груевски и Сашо Мијалков стојат на насловната на Фокус, а во неделникот неколку текстови се посветени на расколот во ВМРО-ДПМНЕ. Во воведната колумна „За нештата да станат појасни“ се потсетува дека „малиот братучед – Груевски, преку стечајниот управник на Фамилијата, Мицкотакис, решил да го дисциплинира големиот братучед – Мијалков, зашто со сето криминално и авторитарно минато на душа, Бате Саше одлучи сам да скокне од антизападниот брод на ДПМНЕ кој се насука на руска карпа“. Во текстот со наслов „Макијавелистички политики“ авторот вели дека „ситуацијата ни е бајаги шизофрена“. Па цинично продолжува дека оние кои стоеле простум на спомнувањето на името на Сашо Мијалков, сега „напрасно видоа во него криминалец. Или, тие што се згрозуваа од тендерскиот учинок на Канческа-Милевска и Тодоров или од вратарскиот Крсто Мукоски, наеднаш во нив препознаа херои“. Црните ни обелеа, белите ги зацрнивме. Макијавелистички скроз, иронично заклучува неделникот.
Глобус - Жртвуван ламфер заради пион
Дека со политиката се остварува неможното покажуваат и случувањата во Атина, со оставката на „архитектот“ на Договорт од Преспа, сега поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. Он-лајн неделникот Глобус пренесува анализа на грчки политиколози и весници под наслов „Жртвуван ламфер заради пион“. Накусо пренесено, во кавгата помеѓу Коѕијас и деснопопулистичкиот партнер во Владата на Ципрас, Панос Каменос на владината седница за надворешнополитички прашања, грчкиот премиер си молчел, што многумина го протолкувале како заземање страна против Коѕијас. Многумина политиколози ова го толкуваат како желба на Ципрас да владее уште малку, до март следната година заедно со Каменос, кој уште отпочеток не го прифаќа Договорот, кога тој ќе се најде во грчкиот Парламент на усвојување отколку да се ослободи од него и да отвори врата за нови избори, пренесува Глобус.