Низок процент на онлајн купувачи во Македонија

Илустрација.

На хартија Македононија има одлична подготовка за е-трговија, но во пракса е на претпоследното место од сите европски држави со само 20 проценти онлајн купувачи, беше истакнато на денешната Прва конференција за е-трговија во Македонија што се одржува во Скопје.

Според податоците на Народната банка на Република Македонија, Македонците во првото полугодие од годинава потрошиле 63 милиони евра за онлајн купување, што претставува раст во однос на истиот период минатата година, но, сепак се уште земјата заостанува во однос на процентот на онлајн купувачи во европски рамки.

„Ако споредиме со првото полугодие од минатата година, имаме раст од 20 проценти, но она што не радува е тоа дека растот кон домашните трговци е поголем, отколку кон странските. Тоа значи дека Македонците потрошиле повеќе пари на домашни купувања со што се менува трендот, односно структурата на купување е 65 проценти кон странски компании наспроти лани кога имало 70 проценти кон странски компании, изјави Нина Ангеловска претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и коосновач и директор на Grouper.mk

Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, мора да се работи на тоа граѓаните да бидат сигурни дека нивните лични податоци ќе бидат заштитени при онлајн купувањето.