За разлика од некои други земји во светот, во Македонија се уште не е легализирана употребата на марихуаната за рекреативни цели. Контролата на опојни дроги и психотропни супстанции е регулирана со истоимениот закон, со кој се регулира производството на конопот за медицински цели. Во измените на законот од 2016 година при дефинирањето на поимите не е направена јасна дистинкција помеѓу поимот коноп кој е за индустриска употреба и на поимот канабис кој се користи за медицински цели.
Од невладината организација „Зелена Алтернатива” ја поздравуваат иницијативата за нови законски измени кои се во подготовка, бидејќи според нив, стариот закон не бил добар и фаворизирал одредени компании.
„Имаше некои небулози кои сега со новите верзии на законот се менуваат. На пример, според нашиот закон беше дозволено да се извезува екстракт што е концентрирана форма на канабисот, а не самиот канабис зошто според образложението тоа можело да се злоупотреби, што е нон сенс. Ако веќе може да се злоупотреби многу полесно ќе злоупотребиш концентрат од некоја супстанца, отколку самата супстанца”, вели Филип Достовски, претседател на „Зелена Алтернатива”.
Ваквата измена ќе им овозможи поголем пазар на македонските фирми кои садат канабис, заради тоа што ќе имаат повеќе производи. Новиот закон овозможува не само садење, туку и производство и екстракција на канабисот, како и можност за извезување на сув цвет, вели Достовски.
Под декриминализација се подразбира укинување на кривичните казни за поединечни постапки или нивна замена со некривични санкции, објаснуваат експертите по кривично право. Активистите објаснуваат дека декриминализација на канабис за лична употреба подразбира состојба на неказнивост на уживателот на канабис, доколку секако не се работи за продажба. Тоа пак значи дека поседот или консумацијата особено на јавно место повторно се нелегални, но или не се санкционирани со казна затвор, или се на ранг на прекршок, а не кривично дело.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Секоја легализација носи намалување на црниот пазар.
Поранешниот началник во МВР и кривичар Љубомир Ѓурчески вели дека идејата да се декриминализира канабисот е добра, а согласно со тоа и да се направат потребните законски измени во насока на олеснување на пропишаните законски казни. Сепак според него поголем проблем во земјата претставува политиката на неказнивост.
„Ние прво треба да изградиме систем на еднаквост во казнената процедура, почнувајќи од основано сомнение, преку истрага, до обвинение и до пресуда. Значи треба европското кривично законодавство да го „претресеме” и да дојдеме во овој дел каде што пред да се впуштиме во каква било расправа, мора да добиеме мислење од медицината што значи канабисот во делот на медицински цели или злоупотреба на таа дрога”, вели Ѓурчески.
Тој сепак се залага за полиберален однос во однос на намалување на казните кои се однесуваат само на лесните дроги и истите да се третираат во делот на прекршоци.
„Генерално секоја легализација, односно поблаго казнување носи намалување на црниот пазар. На пример ако ја земете цената на црниот пазар таа не носи бенефит за државата, додека легализацијата би значела строга контрола и одданочување, од што би имала бенефит и државата во идниот развој, во делот на буџетот на пример. Бенефитот и ударот врз нелегалното ќе биде позитивен и нелегалниот бизнис ќе биде сопрен”, уверува Ѓурчески.
Употребата на канабисот, корисна или опасна?
Но, каде е границата кога употребата на канабис преминува од корисно во опасно? Достовски вели дека „одговорната употреба е клучна“, и дека токму во одговорот на ова прашање заглави прашањето за легализација на оваа билка.
„Нема начин на кој државата некоја возрасна единка ќе ја удри по рака и ќе и каже до тука ти е доста или не ти е. Тоа секаде во свет се нарекува одговорна употреба и е оставено на самата единка, на самиот консумент”, вели Достовски.
Се чини дека легализацијата на канабисот станува индустрија во светот, од која најмногу ќар имаат фармацевтските компании. Постојат различни научни студии за наводната ефективност од употребата на канабисот за медицински цели, па оттука и за тоа дали е оправдана или не неговата употреба за лечење на различни видови болести.
Доктор Милан Ристески е онколог и тој има позитивен пристап кон ова прашање, но предупредува дека неговото спроведување бара организиран систем на сите институции, на сите нивоа.
„Дали во општеството во кое многу од обвинителско-судските аспекти не ви работат, каде навечер немате сообраќајна полиција која строго го казнува лудото возење навечер,треба да се легализира? Така додаваме само плус една материја која ќе направи одредени корисници под дејство на таа опивна материја направат нови човечки жртви. Значи, треба да се бара баланс. Да, вие можете за немедицински цели да го одобрите канабисот во општество во кое точно се знае како ќе се употребува”, вели доктор Ристески.
Во општество во кое не постои основна сообраќајна култура, многу е тешко да се промени свеста кај граѓаните и да воведете канабис за немедицинска употреба, уверува Ристески.
Во однос на наводната лековитост на маслото од канабис во лечењето на некои болести, особено за малигните заболувања, доктор Ристески вели дека досегашното искуство потврдено со клинички испитувања покажува дека екстрактот од канабис помага кај одреден тип епилепсии. Според искуства од негови пациенти забележал позитивен ефект од висока концентрација на масло од канабис во лекувањето на кожната лезија и мал број пациенти од малигни тумори кои имале бенефит од употребата на канабисот.
„Објавена е досега само една студија, тоа е шпанската студија, на висока концентрација на тхц кај глиобластоми каде што не се гледа сигнификантност во однос на вкупните преживувања. Но тоа е премалку, не можеме да донесеме студија направена само на девет пациенти. Далеку сме од одговорот се уште”, вели доктор Ристески и додава дека канабисот не делува кај сите исто, бидејќи се уште не знаеме кои се тие инхерентни својства на самите тумори, како и инхерентните својства на самиот домаќин кои ќе се предоредувачки за тоа дали канабисот ќе делува, во која концентрација, која доза, кое времетрањето и сл.
Актуелниот закон не прави разлика меѓу консумент и дилер
Според дел од младите кои ги анкетиравме потребна е полиберална политика во делот на предвидените казни.
„Сметам дека нема потреба за една ризла или две да ги апсат луѓето да лежат затвор исто како за претпродажба и пуштање во употреба на канабис”, вели Моника Зајкова од Скопје.
„Сметам дека е потребна целосна декриминализација на канабисот, а по можност државата и да го субвенционира неговото производство”, изјави Мартин Наник.
„Зошто би било криминално дело тоа, кога се работи за билка и не прави ништо лошо? Има пострашни други работи што треба да се казнуваат, а не и ова”, вели младиот Иван Петрушевски.
Канабис за медицински цели во земјава одгледуваат 10 фирми. Дозвола за производство имаат добиено уште две. Mасло од канабис во моментов произведуваат три фирми. Одгледувачот треба да има обезбедено соодветен простор, површина или земјиште за одгледување, сушење и складирање, опремен соодветно на производниот, односно преработувачкиот капацитет. Просторот треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку четири метри, со бринов елемент пред оградата во котури во три реда и бодликава жица над оградата, како и да има обезбеден 24-часовен видеонадзор над целиот простор. Исто така, треба да има 24 часа физичко обезбедување, а да има и вработено најмалку четири лица од кои најмалку едно да е дипломиран фармацевт. Тој, пак, треба да има најмалку три години работно искуство во областа на фармацијата. Едно вработено лице треба да е агроном-насока поледелство со најмалку три години работно искуство во областа.
Дали подобар закон ќе го сузбие црниот пазар?
Сепак, останува отворена дилемата за тоа дали полибералните политики во оваа област можат да ја намалат негативната статистика во однос на криминалот и жртвите од зависности? Достовски вели дека не постои негативна статистика од употребата на канабис, односно не постојат смртни случаи од директна употреба на канабисот.
„Во секоја држава каде што е ова прашање регулирано и има лесен пристап на корисниците до канабисот се намалува бројот на зависници од кокаин, хероин, на сообраќајни несреќи од алкохол, бидејќи кога користите канабис пиете помалку алкохол и други негативни општествени појави. Ние не измислуваме топла вода, тоа се готови податоци од земји како што се Португалија, Шпанија, Колорадо во Америка итн“, вели Достовски.
Пратеникот и претседател на Либерално-демократската партија Горан Милевски вели дека неговата партија се залага не само на декриминализација, туку и за легализација на канабисот во земјата.
„Јавното обвинителство донело некое упатство коешто не е во склоп на законот дека до пет грама се смета за мало количество и затоа граѓаните ќе се казнат помалку. Над пет грама марихуана со поголеми казни. Ние сметаме дека личното користење или личниот посед на марихуана не може да се смета за производство или дистрибуција и затоа како такво не треба да се третира како кривично дело”, вели Милевски и додава дека истата билка треба да биде и легализирана.
На овој начин Милевски е убеден дека ќе се спречи и црниот пазар односно нелегалното богатење на многу луѓе кои ги подведуваат младите да го користат канабисот и се богатат на нивна сметка.
Според некои од правните експерти,чекорот кон легализација би значело зголемување на бројот на акти со коишто ќе се регулираат низа прашања поврзани со оваа материја.
Легализација на марихуаната - нова индустрија?
Канада стана првата индустријализирана нација која го легализира канабисот за рекреативни цели. Земјите од целиот свет внимателно ќе следат како сето тоа ќе биде спроведено во Канада. Досега само Уругвај и девет американски држави дадоа зелено светло за рекреативна употреба на марихуаната, а неколку други земји ја дозволуваат и за медицински цели.
Гоце Атанасов
Се проценува дека со ваквиот потег ќе бидат пренасочени милијарди долари од нелегалната продажба и организираниот криминал, назад во владината каса.
Бил Блер, канадски министер за гранична безбедност и намалување на организираниот криминал:
„До денес, пазарот за канабис беше целосно контролиран од организираниот криминал, во неговото производство и во нејзината дистрибуција и тоа резултираше со буквално милијарди долари во добивка за нелегален организиран криминал и загрозување на нашите деца“, вели Блер.
Едно од прашањата кое може да се појави е и тоа како Канада ќе се справи со туристите, посебно оние од Соединетите Држави, каде што се уште имаат федерална забрана за продажбата и користењето на канабисот. Затоа на Меѓународниот аеродром во Отава, љубезно се потсетуваат патниците дека она што го пушат во Канада останува во Канада. Откако оваа земја стана втората нација во светот, по Уругвај, од пред пет години, која ја легализира марихуаната за рекреативна употреба.
Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебриес, оцени дека земјите треба да размислат пред и тие да го сторат тоа. Тој сепак додаде дека оваа организација ја поддржува достапноста на марихуаната поради медицински причини.
„Се разбира, ние веруваме дека на луѓето на кои им треба, особено за намалување со болката, треба да имаат пристап“.
Според него тоа треба да биде јасно регулиран. Отворањето на вратите за целосна легализација носи сопствените здравствени ризици, смета тој, додавајќи:
„Мислам дека секоја зависност што ја нарекувате, без разлика дали тоа е дрога или супстанца не е добро за здравјето на луѓето и ние нема да ги охрабриме да ги следат оние кои всушност знаете даваат што го нарекувате, легализација“, вели тој.
Тедрос вели дека, слично на алкохолот и тутунот, марихуаната треба да се контролира поради ризикот што го поставуваа надвор од медицинските услови. Како и да е, новата индустрија привлече милијарди долари во финансирањето, како и интересот на големите производители на алкохол и безалкохолни пијалаци за развивање пијалоци со канабис.