Јункер: Европа мора да остане засолниште за сите прогонети

Жан Клод Јункер, претседател на ЕК

Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, кој е во дводневна посета на Тунис со државниот врв, не одговори дали разговарал со туниските власти за отворање регионални платформи за излез на мигрантите кои транзитираат преку таа северноафриканска земја. Тој сепак изјави дека земјата веќе прима многу повеќе мигранти отколку Европа и повика европскиот континент да остане засолниште за сите прогонети во светот.

"Тунис има еден милион либиски бегалци, тоа е огромна бројка во споредба со бројките во Европа, тунискиот прием е многу поимпресивен отколку бројките во Европа", рече Јункер на заедничката прес конференција со тунискиот претседател, Бежи Каид Есебси.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Жан Клод Јункер додал дека „Европа мора да остане прибежиште кое со широко отворени раце ги прима сите оние кои се прогонувани“ и дека одбива да отстапи од овој став.