Власта отворена за опозицијата да учествува во утврдување на уставните амандмани

Деновиве ќе започнат првите консултации за утврдување на уставните амандмани, вели премиерот Зоран Заев. Тој денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека се отворени за учество на опозицијата во процесот. В предвид ќе бидат земени и предлозите на дел од опозициските пратениците кои гласаат „за старт на уставни измени. Премиерот очекува расправата во Собранието да ги запази утврдените рокови.

„Ако утре се подготвени пратениците, утре ќе го направиме тоа. Убаво е порано да седнеме, лесно ќе го направиме тоа, заради тоа што веќе ги дебатиравме и насоките каде ќе се движат амандманите. Останувам отворен за инклузивноста на опозицијата во делот на зајакнување на идентитетот, гаранцијата на определбата и гласањето во Грција, и нашата интеграција во ЕУ, како и другите аспекти кои им беа важни“, вели Заев.

Откако предлог амандманите ќе бидат испратени во Собранието, ќе треба да поминат низ две собраниски комисии, потоа по нив ќе има јавна дискусија, на која ќе можат да се поднесат амандмани на амандманите, и на крај на пленарна седница треба да се гласа дали да се усвојат, за тоа ќе биде потребно повторно двотретинско мнозинство.

Свои предлози за уставни амандмани имаат и дел од партиите на Албанците во Македонија. Алијансата за Албанците бара рамноправност за Албанците и албанскиот јазик, а четири амандмани ќе достави и Беса на Билал Касами.