ВМРО-ДПМНЕ ослабена - евроатлантската интеграција поттурната

ВМРО ДПМНЕ бојкотира гласање за уставни измени во Собрание

Забрзување на евроатлантските интеграции следува по стартувањето на процесот за уставни измени, сметаат аналитичарите. Тие предупредуваат дека не смее да се дозволи да имаме многу силна власт, како што беше во минатото.

Гласот „за“ на осумтемина „одметнати“ пратеници во Собранието за почеток на процедурата за уставните измени го поттурна напред евроатлантскиот интегративен процес, но донесе нова внатрешна политичка неизвесност, велат аналитичарите. Одлуката на најголемата опозициска партија да ги исклучи седумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ им донесе намалување на политичката сила во Собранието, и можност за ново преструктуирање на мнозинството. Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека по гласањето „за“ во Собранието сега следува забрзување на евроатланските интеграции.

„Она што е извесно дека по дискусијата за амандманите, уставните измени ќе бидат направени и членството во НАТО ќе се случи, а што се однесува до реформите коишто подразбираат преговарачки процес со ЕУ и натаму, мислам дека сега постоечкото, односно обезбедено двотретинско мнозинство и во иднина ќе биде поголем фактор за оние реформи за кои требаше да се преговара со ВМРО-ДПМНЕ сега многу полесно да бидат спроведени и прифатени во Собрание. Сума сумарум ќе ги забрза процесите од аспект на евроатланската интеграција,“ вели Трошановски.

Аналитичарот Алберт Мусли, пак, смета дека по ставањето на евроатланските интеграции во вистинскиот колосек, следува и зголемување на мнозинството.

„Јас искрено верувам дека тоа мнозинство и ќе се зголеми, затоа што знам и по разговори со пратеници дека во ВМРО-ДПМНЕ има и други пратеници кои веруваат дека помагањето на процесот е за доброто на целото општество, но од друга страна гледаме дека тоа генерира внатрешни проблеми во опозициската ДПМНЕ“, вели Муслиу.

По исклучувањето на седумтемина пратеници од членство во ВМРО-ДПМНЕ, со исклучок на Владанка Авировиќ која е од редовите на СПМ, како и повлекувањето на Панчо Минов од Гром од коалицијата во пратеничката група, моќта на опозициската коалиција „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ се намалува за 8 пратеници.Тоа остава простор во иднина владејачката коалиција во Собранието да преговара со нив наместо со ВМРО- ДПМНЕ за реформските закони за кое е потребно двотретинско мнозинство.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека седумте пратеници од нивните редови го следеле личниот интерес и со свиткан ‘рбет гласале за промена на името, па побара оставки од нив.

„Сите бевме сведоци на предавството што пратениците ѝ го направија на својата татковина. Да издржеа и да беа доследни во она што со месеци ѝ го говореа на јавноста, еднаш засекогаш ќе ја ослободевме државата од коалицијата на Заев и Шекеринска, и Вице и Анѓушев“, вели ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение испратено до јавноста.

Од ваквата ситуација во опозицијата, односно од нејзиното расцепкување најмногу на долг рок губи државата, вели Трошановски.

„Она што секако не смее да се дозволи е многу силна власт како што беше во минатото. Мислам дека спрегите на заробената држава во голема мера сè уште не се демонтирани, и оттука силна и конструктивна обединета опозиција ѝ е потребна на демократијата во земјата, поради владењето на правото, коректив на власта, и така натаму. Ова расцепкување најмногу не му оди во прилог на демократскиот процес на земјата. Дополнително внатрепартиски се разбира ќе се одрази и врз ВМРО-ДПМНЕ и во период што допрва претстои“, објаснува Трошановски.

Муслиу додава дека во однос на опозицијата и исклучувањето на пратениците од нивните редови, може да го одолговлечи процесот на внатрешно консолидирање на партијата.

По гласањето во Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ беа исклучени пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Елизабета Канческа - Милевска, Емилија Александрова, Зеќир Рамчиловиќ и Нола Исмајлоска - Старова. На листата на исклучени два дена подоцна се најдоа и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев е разрешен од потпретседателската функција во партијата.