Министерството за надворешни работи категорично ги отфрла наводите и квалификациите изнесени во коментарот на Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација од 22 октомври 2018 година, во врска со изгласување на предлогот за пристапување кон измени на Уставот во Собранието на Република Македонија, соопшти денеска МНР.
„Министерството за надворешни работи на Република Македонија ги смета наводите во коментарот како целосно неосновани и невистинити, изнесени со јасна тенденција да се компромитира политичкиот процес од историско значење за Република Македонија и за сите нејзини граѓани“, велат од МНР.
Оттаму наведуваат дека пратениците со целосно почитување на сите демократски принципи и предвидената парламентарна процедура, донеле одлука која ги рефлектира децениските заложби на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската унија, како стратешки приоритети за кои постои најширок можен општествен консензус, а што добро им е познато и на нашите руски пријатели, наведува МНР.
Руското Министерство за надворешни работи на 18 октомври соопшти дека САД и државите од ЕУ на најгруб начин се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија, преку туркање на преименувањето на земјата во Парламентот.
„По неуспехот на референдумот на 30 септември, организиран со надеж да се добие сенародно одобрување на грчко-македонското „компромисно решение“, Вашингтон и водечките земји од ЕУ имаат намера да го протуркаат внесувањето на диктираните промени во Уставот на земјата во Парламентот“, наведуваат од руското МНР.