„Оти ние не СМЕ граѓани што сакаме во ЕУ“ - вие коментирате

Кој според вас се предавници а кој херои? Што е релевантно а што не е? Наши теми - ваши коментари

Дали од вистински или од лажни профили, оние што ја посетуваат ФБ страницата на РСЕ пишуваат со непримерен јазик и говор на омраза, особено оние што го кријат идентитетот пишуваат свои пророштва, колнат. Се разбира, таквите коментари не ги објавуваме.

Изјавата на министерката за одбрана и потпретседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, дека сега е моментот поделбите да ги оставиме настрана, вообичаено е дочекана на нож. Влатко Коле Шалја постирал: „Ах, да! Откако го продлабочивте расколот меѓу и онака поделениот народ, сега ќе си подаваме рака и ќе ги надминуваме поделбите?“ По изјавата на премиерот Зоран Заев дека „нацрт-амандманите ќе ги изработиме со опозицијата во предвидениот рок“, Мики Јованов пророчки наведува: „И да се промени Уставот кај нас, Договорот нема да помине во Грција на Парламент и тука завршуваат евроатлантските перспективи на Македонија за навек“. Во друг пост повторно предвидува: „НАТО набрзо ќе се распадне, нефункционална и застарена е таа организација“. На прашањето од Игор Миленкоски како заклучил дека НАТО ќе се распадне, Јованов како повеќе му верува на Трамп кој изјави дека таа организација е застарена. „Значи, има нешто што можеби е и точно“, смета Мики Јованов.

За Илија Горески, премиерот Заев е „криминалец“ и смета дека му треба „само затвор“. Лав Македонски, кој наместо лична фотографија на профилот ја има ѕвездата на Вергина, очигледно не верува во здравиот разум на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што гласаа за уставните промени, па коментира дека Заев е „единствениот што работи со опозицијата, си ги купи и уцени, сега можеш кога сакаш...“ Изјавата на Христијан Мицкоски дега осумтемина пратеници кои во Собранието гласаа за уставните промени ги исклучил од Партијата, исто така наидува на негативни реакции на нашата ФБ страница. За Шерко Сејдиноски тие се херои и бара „одма да се забрани да постои оваа нечовечка партија“. Даниел Јованов Јованов реагира на зборовите на Мицкоски ноќта по собраниската седница, па коментира: „Кои граѓани!? Оти ние не СМЕ граѓани што сакаме во ЕУ!? Затоа што го делевте народот, ве стигна казната!“ А Дарија Нице постирала: „Нели секој требаше да гласа по сопствено убедување? Зошто ги избркавте луѓето кои имаат различно мислење од вашата религиозна група?“. Руската амбасада во Скопје на својот официјален Твитер профил порача дека Русија ја признала Македонија под уставното име и тој став нема да го промени.

Ѓорѓи Ристески разоткрива: „Ирелевантно... Во секој официјален руски документ ние сме означени како ФИРОМ!“ А Марјан Јошевски забележува: „Ама нешто ги менуваат изјавите според ситуацијата. За потсетување, и тие го поздравија Договорот помеѓу Македонија и Грција. Не ги заболе нив за нас, ги интересираат само нивните интереси, само кога ќе го разбереме тоа“. И Рубинчо Крстевски забележал: „Ами ако нè признале како РМ зошто нашите спортисти ги ословуваа со ФИРОМ пред две-три недели?“