Заев им се заблагодари на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа „за“

Архивска фотографија- Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев на прес конференцијата која ја одржа доцна вечерва во Собранието денот го нарече историски. Оцени дека одлуката на пратениците ја следела волјата на граѓаните изразена на референдумот.

“Сакам да им се заблагодарам на овие храбри пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција кои го ставија интересот на државата и на граѓаните над партиските интереси и покрај непотребниот политички притисок од страна на нивното партиско раководство” рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека имало и други пратеници кои сакале но не гласале и изрази надеж дека тоа ќе го направат во следните фази.

Тој нагласи дека сега престои долг процес и дека заедно ќе работеле на амандманите за уставните измени.